Вака Светлана ја започнува својата приказна:
„Моето име е Светлана Чанкуловска – Гианикис. Родена сум во прекрасното Скопје, каде што и израснав. Се стекнав со високо образование на државниот универзитет Св. Кирил и Методиј, на катедрата за Руски јазик и книжевност. Како дипломиран професор по руски и српски јазик повремено работев на преводи, се дружев со пријателите, уживав во благодатите на мојата прекрасна земја Македонија, се до мојата 30-те година, кога неочекувано го запознав мојот сегашен сопруг Георгиос. Самото наше запознавање ја наметна и потребата да се иселам од мојата родна земја.“

МОТИКА: Зошто одлучивте да се преселите во друга држава?

Кај многумина мои познаници причина за емиграцијата е подобриот и подостоинствен живот, но кај мене пресуден фактор беше љубовта. Така судбината ги помеша моите карти и ме однесе во едно прекрасно мало гратче Lüdenscheid (Људенсајд), Германија. Живеењето надвор од родната земја е предизвик и ризик истовремено, бидејќи во новата средина неминовно доаѓаш во пресрет на културни и религиозни разлики, едноставно наидуваш на луѓе со различен менталитет и начин на живеење кој делумно а понекогаш и радикално се разликува од менталитетот и начинот на живеење од земјата од која потекнуваме.

МОТИКА: Колку се трошоците за живот во Људенсајд?

Во нашето место киријата е прилично поевтина за разлика од поголемите градови, па така со 300евра може да се најде убав стан под кирија, вклучувајќи ги и трошоците за струја, вода и останати комуналии. Сопствените куќи секако се поскапа инвестиција.

МОТИКА: Направете споредба, колку чинат некои основни јадења таму и кај нас.

Храната исто така е достапна за сечиј џеб. Постојат маркети каде цените се доста поевтини во однос на името на друг маркет, па така основни продукти како што е млекото може да се купи за 60 центи (36денари), леб за 2 евра (120денари), кисела вода за 25 центи (15денари), брашно 80 центи (48денари), сол за 20 центи (12денари), ориз за 1 евро (60денари), макарони 1евро (60денари), кафе 250гр од 2-6евра (120-360ден), зависи од квалитетот.

МОТИКА: Раскажете ни за некој успех што сте го постигнале во Германија.

Како мој личен успех овде го сметам релативно краткиот период од 8 месечно школување, по кое се здобив со диплома за германски јазик а воедно и диплома за нивната историја, која мора да признам дека ни самите Германци не ја познаваат доволно . Како успех би го издвоила и вложувањето на мојот труд за учење на јазици кај мојот 3-годишен син, кој зборува течно македонски, германски и грчки јазик. Горда сум што со секојдневна работа успеав да го наметнам мојот мајчин јазик во туѓа земја не само на моето дете туку и на многу останати дечиња овде.

МОТИКА: Како Ви започнува денот?

Бидејќи сум и сопруга и мајка, самото тоа наметнува денот да го почнам со секојдневните обврски, да го однесам синот во градинка а потоа продолжувам на појадок со моите пријателки . Убавината во оваа земја е што појадокот е многу важен, па така често може да се видат луѓе кои и сами појадуваат надвор. Овде не бараат друштво.

МОТИКА: Како го трошите слободното време?

Секој поседува сопствени афинитети и вкусови и во согласност со тоа , начинот на кој се минува слободното време е индивидуален. Јас лично го користам за секојдневни прошетки во нашите прекрасни паркови, дружење и уживање буквално во секој миг.

МОТИКА: Каде шетате и каде се опуштате преку ден?

Секојдневно денот ми почнува со појадок со пријателките, долги разговори, шопинг, а после пладне во заедничка дружба со сопругот и синот. Редовно го минуваме остатокот од денот сите заедно, без разлика дали во некој парк за деца, приватна дружба или домашна атмосфера.

МОТИКА: Каков е ноќниот живот таму?

Во нашето место мора да признам дека е релативно мирно и дека после 21 часот скоро и да нема човек по улиците, така да ноќен живот и нема. Ќе напроменам дека за разлика од ноќниот, дневниот живот е многу фреквентен. Постојано и секојдневно луѓето излегуваат , се дружат по локалните кафетерии, доста спортуваат, бидејќи е планинско место исто пешачат, планинарат, па така ноќниот живот е заменет со дневниот.

МОТИКА: Дали имате пријатели и соседи во Германија?

Пријателски и соседски односи постојат секако, но се разбира во секоја земја постои различен општествен код како тие односи се воспоставуваат, на што се базирани и каква е нивната приода. Не постојат блиски и топли соседски односи воглавно. Соседите се луѓе со кои се споделува заедничка зграда или улица и не се очекува ништо еден од друг освен коректност и формална учтивост сведена на поздрав. Пријатели имаме секако, но повеќемината се или од Македонија или од некоја наша блиска балканска земја.

МОТИКА: Дали луѓето се пријателски настроени кон странците? Некоја интересна случка?

Културата на Германците е за респект, бидејќи навистина имаат почит кон секој странец во нивната држава. На пример во маркет каде што пазареше една жена која веројатно беше дојдена со бегалците од Сирија и ѝ недостасуваше одредена сума на пари да доплати. . . човекот кој стоеше после неа, Германец ја доплати останатата сума за неа.

МОТИКА: Што од културата во Германија најмногу ви се допаѓа?

Овде навистина постои сообраќајна култура која ме фасцинира, се почитуваат сите правила, на пешачки се помага на секој кому е потребна помош, се поздравуваат и непознатите со убави топли поздрави. Продавачките се максимално љубезни. . . за жал во Македонија овие работи, се сѐ уште ретки!

МОТИКА: Која културна разлика Ви беше најчудна кога прв пат дојдовте во земјата?

Најголема културна разлика е застапеноста на индивидуалистичкиот дух наспроти колективниот менталитет кој до некој степен е сѐ уште присутен на Балканот.

МОТИКА: Која е најглемата разлика помеѓу Македонија и Германија?

Разликата помеѓу Македонците и Германците е секако начинот на живот, социјалниот статус на секоја поединка, домашното воспитување. Германците за разлика од Mакедонците ги оставаат нивните деца после 18 година да одлучуваат дали ќе живеат сами понатаму.

МОТИКА: Дали има и други Македонци таму?

За моја среќа и со голема радост, во моето место има доста Македонци со кои сум често во контакт.

МОТИКА: Што Ви недостасува од кај нас?

Искрено со напредната технологија, компјутерите и сите останати програми, секојдневно сум во контакт во сите мои блиски роднини, пријатели од Македонија, а бидејќи на секои 3 месеца сме во Македонија не можам да кажам дека нешто ми недостасува, ете би издвоила само дека ми недостасува единствено топлината и срдечноста на луѓето од нашиот крај.

МОТИКА: Кое е најдоброто нешто што Ви се случило таму?

За мене секој ден е убав откако сум дојдена тука. Од склопувањето на бракот со мојот сопруг, до подарокот од Бога преку мојот син, се е убаво, кога имаш здрава фамилија, луѓе кои те сакаат и ги сакаш, нема ништо повредно од тоа.

МОТИКА: Дали некогаш планирате да се вратите во Македонија?

Мора да бидам искрена дека немам желба да се вратам да живеам повторно во Македонија. Како посетител секако дека често би одела но познавајќи како функционираат многу институции таму за жал не би се осудила да се вратам.

МОТИКА: Дали имате некој совет кој би сакале да го споделите?

Посакувам на сите луѓе кои имаат можност да дојдат и да ја посетат оваа убавина во НРW, разгледајте ги убавите езера, планини, шуми. . . Бидете среќни каде и да сте, важно е со кого сте.

Блиц прашања
Колку чини 1 леб?2 евра па нагоре
Колку чини 1 кафе?2 евра
Колку чини 1 пиво во продавница, а колку во кафуле?Во продавница 50 центи во кафуле од 2 евра па нагоре
Место што мора да се посети?Schloss Neuschwansten, Phantasialand, Стариот град Rothenburg ob der Tauber
Традиционално или типично јадење што мора да се проба?Currywurst, Schwarzwalder Kirschtorte
Најпознат граѓанин?Ангела Меркел
Најкористен збор/фраза?Schönen Tag noch ( имајте убав ден)
За која тема луѓето најмногу зборуваат?Храна, време и политика
Најчесто име и презиме?Stefan, Christian, Oliver, Michaela, Schmidt, Wolf, Fischer, Müller
Сакате да ја споделите вашата интересна животна приказна со цела Македонија? Пријавете се за интервју:

Коментар од уредникот на Мотика: Ставовите и мислењата изнесени во овие интервјуа не се ставови на Мотика, туку на младите луѓе кои решиле да ја напуштат Македонија. И мене како и многумина од вас, вистината многу ме боли, но додека не се соочиме со неа, властите ќе не лажат дека живееме во Швајцарија. Целта на секој еден политичар што ќе седне во фотелја во иднина, било да е градоначалник, пратеник или министер, МОРА да му биде да создаде минимални услови младите луѓе да не бегаат од државата. А ние сме таков народ, не бараме многу, само достоинствени услови за живот, а тоа не е тешко да се обезбеди во земја како нашата. Држава со 4 годишни времиња и со земја што раѓа не може да биде сиромашна, може само некој да ја краде! Да сме некоја африканска пустина, да ја разбереме сиромаштијата. Како може италијанските фармери да се богаташи, а ние да црнчиме кај нив, кога нашата земја е поубава од нивната? Да не зборуваме за тоа колку интелигентни деца имаме кои го одбираат овој пат.

Сподели на Facebook
пати видено