Катерина Грујиќ е родена во Куманово и дипломирала на филолошкиот факултет, при отсекот за Англиски јазик и книжевност, со кинески јазик како втор јазик во 2007 година. Нејзиниот животен пат ја насочил кон Кина, откако пред дипломирањето учествувала на натпревар по кинески јазик и добила стипендија за студирање кинески јазик во Пекинг.

Благодарение на нејзиниот авантуристички и ентузијастички дух, Катерина живее и работи во Пекинг веќе десет години, а заедно со нејзиниот вереник Вали, кој е уметник се основачи на бренд за цртани филмови, наречен АЛБА. Катерина ја сподели со нас приказната за животот во најбрзорастечката економија во светот и за тоа како ризикот понекогаш може да донесе многу успех.

МОТИКА: Зошто одлучивте да се преселите во Кина?

Па не одлучив јас, туку тетката од студентски прашања. Тоа е една интересна приказна која никогаш нема да ја заборавам. Сè почна кога дознав дека како студент на Филолошкиот факултет морам да изберам уште еден јазик под Ц (се изучува две години) или под Б (се изучува 3 години). Јас бидејќи не се сметав себеси за некој што е многу талентиран за изучување јазици, се обидов да изнајдам начин да не учам уште еден јазик, па избрав Американска литература и плус ја имав опцијата да почнам од втората година. Си реков какво олеснување! И да ја скратам приказната, кога дојде втората година, тетката од студентски прашања ми рече дека оваа програма моментално е укината и дека ќе мора да изберам втор јазик. Не само што веќе ја немав опцијата за јазик под Ц, туку за јазик под Б беше потребно да се има претходно познавање на тој јазик.

Кога го слушнав сето ова, ме фати голема паника, се запрашав како ќе дипломирам воопшто?! Но тетката од студентски прашања ми рече дека ми преостанува само една можност. Единствениот јазик за кој не беше потребно никакво претходно познавање беше кинескиот.

И така морав да ја послушам. Учењето кинески како што очекував, не ми одеше баш најдобро, а пофесорката редовно ме критикуваше. Во третата година ни дојде нов професор од Кина. Пред тоа, ја направив можеби најпаметната работа, повторив сè што сме учеле. И се исплатеше. Новиот професор беше многу построг и моравме да зборуваме на кинески цело време. Бидејќи јас бев спремна, тоа не ми претставуваше голем проблем. И така од ден на ден мојот кинески почна да се подобрува. Особено откако дознав дека има натпревар по кинески јазик и можност за студии во Кина. Тоа дополнително ме мотивираше. На крај ја добив стипендијата и така заминав во Кина.

МОТИКА: Кажете ни нешто повеќе за Кина.

Кина е голема земја и многу разновидна кога станува збор за јазик и култура. Стандарден јазик е Мандаринскиот, кој претежно се говори во северниот дел, додека во јужниот дел се зборува Кантонски. Главниот град Пекинг, како и останатите поголеми градови Шангај, Гуанџоу и Шенжен, не се разликуваат многу од останатите светски метрополи. Типично за Кина е тоа што е поделена на 33-34 провинции, во секоја од нив се зборува на различен дијалект, секоја од нив си има своја традиција која што драстично се разликува од останатите провинции. Луѓето од северните делови имаат различни навики во споредба со луѓето од јужните краеви, секој регион има различна клима а вкусот на храната е во зависност од климата. На пример во северна Кина каде што е претежно ладно се јаде посолена храна, во источниот дел храната има благ вкус, во јужниот дел храната е со неутрален вкус, додека во западниот дел храната е многу лута. На пример менаџер на еден бренд мора да го земе сето ова во предвид и да изготви четири различни промотивни стратегии, бидејќи тоа што им се допаѓа на потрошувачите од северниот регион, нема да им се допадне на потрошувачите од источниот регион.

Трошоците нормално се најголеми во градовите од прв ред како Пекинг, Шангај, Гуангџоу, Шенжен, додека во градовите од втор и трет ред се помали. Трошоците во Пекинг на пример може да достигнат и до илјада евра месечно, додека во останатите градови изнесуваат половина или третина од тоа. Киријата во Пекинг исто зависи во кој круг на градот живеете, на пример во првиот и вториот киријата е повеќе од илјада евра за двособен стан. Колку што е подалеку од центарот, нормално киријата е поевтина дури за половина. Иста е ситуацијата и со купување куќа. Нормално луѓето купуваат куќа во четвртиот круг, каде што 1м2 чини околу 10 000 евра. Во првиот круг е барем дупло.

МОТИКА: Направете споредба, колку чинат некои основни јадења таму и кај нас.

Сум заборавила колку чинат основните јадења кај нас, но во Кина јадењата чинат од околу 200 денари па нагоре.

МОТИКА: Раскажете ни за некој Ваш успех, кој сте го постигнале во Кина.

Ние ја креиравме маскотата Морт, која што многу млади луѓе веднаш ја засакаа и со нетрпение го исчекуваат нашиот неделен комичен стрип. Помислата дека многу генерации во Кина ќе го паметат своето детство по Морт мислам дека е мојот најголем успех во Кина.

МОТИКА: Како го започнавте Вашиот бизнис?

Јас и мојот вереник сме основачите на АЛБА, студио за цртани филмови. Најпрвин основавме бренд за маички АЛБА, потоа ја креиравме нашата маскота Морт и слоганот: „Живот без авантура едноставно нема смисла“, коишто беа клучни за нашиот успех.

Цртан филм со Морт, во подготовка.

На прашањето зошто одбравме олицетворение на „Смрт“како маскота за креативен бренд, е токму бидејќи Морт не охрабрува да преземеме малку ризик и да направиме нешто значајно со нашите животи. Морт ни вели: „најстрашното нешто што може да доживееме не е смртта, туку живот исполнет со празнина.“ Морт со намера е дизајниран да изгледа многу „сладок и впечатлив“, затоа што во животот најинтересни и најнезаборавни се оние моменти кога ќе посегнеме кон малку ризик.

Преку неделниот комичен стрип, како и многубројни активности, Морт привлече огромен број на обожаватели, кој до ден денес постојано се зголемува. Имаме фан група од млади луѓе од цела Кина, коишто ни даваат огромна поддршка, беа клучни во целата промоција на Морт и со нетрпение го исчекуваат нашиот прв цртан филм како и деривативите.

Кинеските цртани филмови воглавно се многу слични на јапонските. Поради културните разлики, Кина се уште нема успешно креирано своја позната маскота и цртани филмови коишто се прифатени во целиот свет. Морт и нашиот водечки, препознатлив проект Крајни Дестинации се на добар пат за сега и се надеваме дека еден ден ќе се прочујат по светот како кинески авторски бренд во светот на цртаните филмови.

А инаку нашaта серија од комични стрипови Mort in China наскоро ќе биде достапна на Amazon.com. За повеќе детали можете да ја посетите нашата Фејсбук страна https://www.facebook.com/MortinChina/

МОТИКА: Како Ви започнува денот?

Денот вообичаено ми започнува со рано утринско пливање. Се трудам да издвојам барем еден час рано наутро каде што ќе можам на раат да размислувам, без да бидам прекинувана од телефонски повици.

МОТИКА: Како го трошите слободното време?

Слободно време немам многу. Бизнисот секогаш на некој начин не принудува да изнајдуваме нови идеи, па кога ќе најдам време претежно го користам за учење нови работи.

МОТИКА: Каде шетате и каде се опуштате преку ден?

Преку ден обично не се шетаме туку работиме, хаха. Во Кина кога се гледаме со пријателите првин се почнува од рестораните, кои што ги има насекаде и во голем број, бидејќи Кина изобилува со разновидни видови на јадења. Секогаш има нови ресторани што сакаме да ги пробаме. Странските ресторани се наоѓаат во областа наречена Санлитун, каде најчесто излегуваме.

МОТИКА: Каков е ноќниот живот таму?

Ноќниот живот е многу динамичен. Има многу места за излегување скоро во секој дел на градот, но главните места за излегување се наоѓаат во областа на Санлитун и Гулоу. Во Санлитун се наоѓаат многу од странските барови, додека Гулоу е традиционален дел и тука се најдобрите „андерграунд“ места.

МОТИКА: Дали имате пријатели и соседи во Пекинг?

Па искрено имав многу повеќе пријатели пред да го започнеме бизнисот, но сега немам многу време за социјален живот. Со соседите се знаеме но секој овде е презафатен со свои работи така да се нема време за пиење кафе како што тоа го правиме во Македонија.

МОТИКА: Дали луѓето се пријателски настроени кон странците? Раскажете ни некоја интересна случка.

Па да, луѓето воглавно се многу пријателски настроени кон нас, особено во помалите градови. Имам доживеано многу интересни случки во текот на овие десет години. Оние што најмногу ми останале во сеќавање се поврзани со полицајците, хаха. Еднаш додека бев на патување низ Кина додека се симнувавме од една планина ја изгубив другарка ми и нормално се обратив до првиот полицаец кој што го забележав. Не само што ми помогнаа, туку откако се најдовме и двете нè однесоа во полициската станица, каде што нè понудија со чај и слатки, а наредната вечер нè поканија во караоке бар каде што се појави скоро целата полициска станица и пеевме до доцна.

За време на истото патување, една вечер ние две како туристи се обидувавме да најдеме еден италијански ресторан за кој што дознавме од Lonley Planet книгата. И нормално каде да прашаме ако не во полициска станица. Полицаецот кој што беше дежурен со полициска кола нè испрати до еден многу добар италијански ресторан. Во малите градови ретко се среќаваат странци, така да домаќините се многу гостопримливи.

МОТИКА: Која културна разлика Ви беше најчудна кога прв пат дојдовте во земјата?

Па дефинитивно тоа што прагматичноста им доаѓа пред сè друго, дури и пред тоа што другите луѓе ќе мислат за нив. Еднаш во 6:30 наутро додека чекав на црвено да ја преминам улицата наеднаш забележав една жена шофер, ама нешто многу и беше чудно лицето, дури и малку страшно. Си реков што и се случува на женава со лицето, дури срцево ми затрепери. Од љубопитност се доближив, кога видов дека целото лице и беше обложено со тенко исецкани свежи краставички!!! Жената го користеше времето на пат до работа за третман за лице. Ха, ха, си реков, среќа што во Кина сообраќајот се регулира само со камери.

МОТИКА: Што од културата на Кина најмногу Ви се допаѓа?

Кинескиот чај, без сомнение. Кина изобилува со многу врсти на чаеви. Јас би го препорачала „Железниот Буда“, од врстата Вулонг. Сите овие години во Кина кафето го заменив со зелен чај, кој е многу корисен за концентрацијата, како и за здравјето.

МОТИКА: Која е најглемата разлика помеѓу Македонија и Кина?

Уф, не знам од каде да почнам…има многу, не една. Мислам дека најголемата разлика е тоа што кога ќе се вратам во Македонија после една или две години сè си е исто и непроменето, додека во Кина еднаш кога отидовме во друг град и се вративме после 5 дена, веќе имаше изникнато нов објект на улицата каде живееме. Кина се развива со чудесна брзина и сè се менува скоро преку ноќ. Многу луѓе се жалат дека после годишно отсуство од земјата, скоро да не можат да си ги најдат домовите од што сè се има променето.

Второ, во Кина голем дел од времето се поминува на работа, особено кога станува збор за свој бизнис. Овде работиме и по 16 часа дневно и пречесто немаме ниту слободни викенди. Но, затоа овде има големи можности скоро за секого, ретко да сум слушнала дека некој е невработен. Со брзиот развиток на е-трговијата, (знаете за Alipay нели), истата фирмата овозможува на секого да отвори онлајн продавница бесплатно и да ги продава своите производи не само низ Кина туку и по целиот свет. Многу обични луѓе на ваков начин си ја променија судбината и скоро преку ноќ се збогатија.

Една многу интересна разлика посебно од оваа година, Кина стана „cashless society“, односно од оваа година скоро престанавме да употребуваме кеш. Сите трансакции се вршат преку плаќање со мобилен телефон и тоа од сметки за вода, струја, такси, авионски билети, плаќање во ресторани, до изнајмување велосипеди.

МОТИКА: Дали има и други Македонци таму?

Па да. Ние имаме онлајн група која засега брои повеќе од стотина членови, Македонци кои живеат, работат или студираат во различни делови на Кина. Со нив често разменуваме информации и се обраќаме за совет едни на други. Во изминативе години некои од нашите претходни амбасадори организираа прослави на големите празници, па тоа беа добри прилики да се запознаеме.

МОТИКА: Што Ви недостасува од кај нас?

Најмногу ми недостасуваат се разбира мојата фамилија, родните, пријателите како и чистиот воздух, нашата храна. Од друга страна бидејќи во Кина ритамот на живот е многу брз и многу се работи, никогаш повеќе не ми недостигале сите одмори поминати во Македонија.

МОТИКА: Кое е најдоброто нешто што Ви се случило таму?

Во Кина ми се случиле многу добри работи, ако морам да издвојам една тогаш мислам дека најдоброто нешто беше тоа што во првата година (што мислев дека ми е воедно и последна) отидов сама на двомесечно патување низ Кина како „backpacker“.

Тоа беше голем ризик за некого со ограничен буџет и недоволно познавање на кинескиот јазик, но сепак успеав да се снајдам. Пропатував многу места, ми се проширија видиците, запознав многу луѓе и за прв пат искусив такво чувство на слобода кое подоцна длабоко влијаеше врз многу мои животни одлуки.

МОТИКА: Дали некогаш планирате да се вратите во Македонија?

Па јас би сакала ама моментално во Македонија нема баш поволни услови за бизниси како што е нашиот.

Приказната за Катерина и Вали раскажана на Национална Кинеска телевизија.

Блиц прашања
Колку чини 1 леб? Мислите оризот? Во Кина обично не се јаде леб, но ние странците можеме да го купиме во странските супермаркети, каде цените се движат од 1.5 до 4 евра
Колку чини 1 кафе? Околу 3.5 до 5 евра
Колку чини 1 пиво во продавница, а колку во кафуле? Кинеското пиво во продавница може да се купи за 0.5 евра додека во кафуле чини 2.6 евра
Место што мора да се посети? “Tiger Leaping Gorge”, Lijiang (во провинцијата Јуннан југозападна Кина)
Традиционално или типично јадење што мора да се проба? Kung Pao Chicken и кинеската (солена) палачинка “Jian Bing” (煎饼)
Најпознат граѓанин? Џек Ма, Џеки Чен и Јао Минг
Најпопуларен сувенир? Малата Црвена книга од Мао Це Тунг
Најкористен збор/фраза? “Ни Хао” што значи здраво, но исто така се користи и како “извинете”, кога сакте на некого да привлечете внимание. Зборот може да се употреби многу пати во еден разговор а не само на почетокот.
За која тема луѓето најмногу зборуваат? За храна и за тоа колку е скапо да се купи стан.
Најчесто име и презиме? Најчесто презиме е Ванг. Во Кина нема листа на вообичаени имиња, затоа што овде сите родители се трудат да “измислат” уникатни имиња за своите деца, со посебно значење. Затоа кога ќе прашаме некои кинези како им е англиското име, сме слушнале многу чудесни имиња како на пример Металика, Спајдермен, Fish, Казанова, итн.
Сакате да ја споделите вашата интересна животна приказна со цела Македонија? Пријавете се за интервју: [contact-form-7 id=”408359″ title=”Пријава за интервју”]

Коментар од уредникот на Мотика: Ставовите и мислењата изнесени во овие интервјуа не се ставови на Мотика, туку на младите луѓе кои решиле да ја напуштат Македонија. И мене како и многумина од вас, вистината многу ме боли, но додека не се соочиме со неа, властите ќе не лажат дека живееме во Швајцарија. Целта на секој еден политичар што ќе седне во фотелја во иднина, било да е градоначалник, пратеник или министер, МОРА да му биде да создаде минимални услови младите луѓе да не бегаат од државата. А ние сме таков народ, не бараме многу, само достоинствени услови за живот, а тоа не е тешко да се обезбеди во земја како нашата. Држава со 4 годишни времиња и со земја што раѓа не може да биде сиромашна, може само некој да ја краде! Да сме некоја африканска пустина, да ја разбереме сиромаштијата. Како може италијанските фармери да се богаташи, а ние да црнчиме кај нив, кога нашата земја е поубава од нивната? Да не зборуваме за тоа колку интелигентни деца имаме кои го одбираат овој пат.

Сподели на Facebook
пати видено