Пере Јованов од Струмица уште од најмали нозе бил заљубен во музиката. Тој завршил средно музичко училиште во Штип, а потоа заминал да студира на Конзерваториумот за музика во Италија, каде што престојувал до 2014 година. Јованов веќе три години живее и работи во Јапонија, поточно Токио.

Како најголема причина за заминувањето во Токио, Пере ја наведува љубовта на неговиот живот, а од 2015 тој добил можност да се усовршува и на полето на неговата втора љубов, музиката. Тој добил лиценца да настапува со своето виолончело на сите места во Токио, кои се под општинска управа. Пере ја сподели со нас неговата животна приказна.

МОТИКА: Зошто и како се преселивте, зошто одлучивте да одите таму?

Главната причина е мојата сопруга, која инаку е од тука, од Токио, но со неа се запознавме во Италија додека свирев на плоштадот во Болоња. Во меѓувреме дипломирав (2013) на Конзерваториумот за музика во тој град и потоа, во 2014 година одлучивме да дојдеме тука  да живееме и да стапиме во брак.

МОТИКА: Опишете ја Јапонија и Токио.

За Токио можам слободно да ви кажам дека е скап град за живот. Не толку скап поради секојдневните трошоци туку поради киријата. Таа зависи од тоа дали живееш сам или имаш семејство. За сам човек во просек е 700-800 евра и тоа за мала, тесна соба. За фамилијата со деца нормално треба поголем стан така да цените се од 1300 евра па нагоре. Да купиш куќа ти требаат некаде околу 250 000 евра.

МОТИКА: Споредба колку чинат некои основни јадења таму и кај нас.

Храната не е прескапа, во рамките на стандардот е. Оризот е едно од основните јадења, не лебот како кај нас, и може да се најде од 2 евра за кило па нагоре, зависно од квалитетот. Зеленчукот и овошјето се малку поскапи и обично се продаваат на парче а не на кило, на пример; 4 домати = 3 евра, или едно јаболко 1,5 евра.

МОТИКА: Раскажете ни за Вашиот успех, кој сте го постигнале во Токио.

Како што спомнав, добивањето на лиценцата ми е можеби најголемиот успех до сега затоа што тоа е доста тежок конкурс. Имаше 150 кандидати од кои само 20 го поминаа првиот круг, значи отидоа во финале, а потоа од тие 20 само 5 добија лиценца. Јас бев еден од тие 5.

МОТИКА: Како Ви започнува денот?

Па, ми започнува така што гледам во агендата каде сум на свирење тој ден, појадувам и одам на најблиската станица да го фатам возот. Тоа е инаку главно и најбрзо превозно средство во Токио.

МОТИКА: Како го трошите слободното време?

Учам нови композиции, правам аранжмани за делата кои ги свирам, одам да барам нови локации за снимање видеа и така. Во главно, немам многу слободно време.

МОТИКА: Каде шетате и каде се опуштате преку ден?

Најчесто дома се опуштам во деновите кога врне (тие денови за мене се неработни) или ако сум слободен, а е убаво времето одам на некои нови места. Токио е толку голем што ќе ми треба еден цел живот за да прошетам насекаде.

МОТИКА: Каков е ноќниот живот таму?

Тоа зависи од возраста и од тоа што човек сака да прави навечер. Некои луѓе одат после работа на пиење со колегите (Тоа обично во петок). Некои пак сакаат да ја поминат вечерта пиејќи во придружба на дами. Тие дами се вработени во локалите и нивната задача е да прават друштво, муабет и да ти сипат пијалак. Обично таму идат луѓе на возраст од околу 55-60 години. Тоа го знам затоа што имам свирено во таков локал.
Помладите, некои идат на места „специјализирани“ за средби меѓу мажи и девојки, некои пак идат да читаат цела вечер стрипови, манга, да гледаат анимации… Сакам да кажам дека нема правило што се прави навечер. Секој прави тоа што го интеренсира и не гледа што прават другите.

МОТИКА: Дали имате пријатели и соседи во таа земја?

Имам, но нема многу време за дружење. Секој си е зафатен со своите работи, а и далечината може да биде проблем ако другар ти живее од другата страна на градот. Со соседите сме на „добро утро – добро вечер“. Тоа мислам дека во многу земји е веќе така. Го нема тоа да си одиш на кафе.

МОТИКА: Дали луѓето се пријателски настроени кон странците? Некоја интересна случка?

Од мое лично искуство велам дека СЕ пријателски настроени. Не знам дали кон сите странци, но кон мене ДА. Јас се трудам да бидам љубезен, да не навредам никој со моето однесување, да се претставам најдобро што можам, па така и ми враќаат луѓето. Интересна случка: сретнав еден чичко Јапонец, кој учи, а и почна да го владее добро македонскиот јазик. Ако сака некој нека повели, може да види за што се работи. (Линк до видеото)

МОТИКА: Која културна разлика Ви беше најчудна кога прв пат дојдовте во земјата?

Децата уште од мали ги воспитуваат дека треба да го дадат својот придонес за развој на општеството и дека секој еден човек има должност да делува корисно на што поголем број на луѓе, а не на самиот себе. Потоа кога општеството ќе постигне некој добар резултат сите се гордеат со тоа, затоа што е заслуга на сите и подеднакво. Нешто што ме остави без зборови баш пред некој ден е тоа што видов луѓе со посебни потреби како учествуваат во волонтерски активности и даваат сè од себе и тие да помогнат некому. Тие на кои најмногу им е потребна помош, тие се трудат да бидат од помош… Секоја чест нели?

МОТИКА: Што од културата во Јапонија најмногу Ви се допаѓа?

Начинот на кој јадат и искажуваат почит кон храната и чајот. Постојат правила за тоа како треба да се однесуваш на маса, што треба да кажеш пред да јадеш, што да кажеш после јадење, како се држи приборот, како се „управува“ со него и слично. Им се восхитувам на тоа колку обрнуваат внимание на ситните работи, на деталите. Како што и самите велат: „Животот не е една голема работа туку збир од безброј мали.“

МОТИКА: Која е најголемата разлика помеѓу Македонија и Јапонија?

Најголемата разлика е што ние сме 2 милиони народ, а Јапонија е 120 милиони. Сè е во многу поголеми размери тука. Секоја работа ја има во повеќе варијанти, во повеќе видови, баш за секој да може да најде тоа што му треба и што му се допаѓа. Друга работа, ми се чини дека овде сè е направено да функционира така да животот биде што полесен и поедноставен за секој, да не се троши време залудно на непотребни работи како на пример чекајње на ред некаде и слично. Во работното време се работи! Зборот е збор. Секој си ја знае својата улога и си ја врши својата должност, ефикасно и на време.

МОТИКА: Дали има и други Македонци таму?

За жал нема многу. Велам за жал затоа што оние малку кои ги имам сретнато овде се навистина супер дечки и дружењето со нив е прекрасно. Супер би било да има повеќе.

МОТИКА: Што ви недостасува од кај нас?

Ми недостасува овчото сирење и одморот затоа што секое враќање дома во Македонија за мене значи одмор и опуштање.

МОТИКА: Кое е најдоброто нешто што Ви се случило таму?

Топлината која зрачи од луѓето и нивното широко срце. Пред да дојдам овде мислев дека Јапонците се ладен народ, незаинтересиран и кој се држи на дистанца но полека разбрав дека грешам и дека тие се такви само на почетокот додека да те запознаат подобро. Моето мислење можеби се должи на работата која ја работам, а тоа е да бидам блиску до народот, да им презентирам класична музика, да им подарам емоции преку музиката.

МОТИКА: Дали некогаш планирате да се вратите во Македонија?

Не велам не, но засега немам план затоа што за оваа работа која јас сакам да ја работам ми се чини дека овде има поголем интерес, поголема публика, повеќе прилики и така.

Блиц прашања
Колку чини 1 леб? 1 евро
Колку чини 1 кафе? 4 евра
Колку чини 1 пиво во продавница, а колку во кафуле? Во продавница 2 евра, а кафуле, 5 евра.
Место што мора да се посети? Паркот во Уено (Токио)
Традиционално или типично јадење што мора да се проба? Суши
Најпознат граѓанин? Шинзо Абе
Најкористен збор/фраза? Sugoi/Kawaii (Прекрасно/Убаво)
За која тема луѓето најмногу зборуваат? За работа
Најчесто име и презиме? Hiro Nakano (машко) – Tomoko Suzuki (женско)

Доколку сакате да дознаете повеќе за Пере следете го на неговата Facebook страна и посетето го неговиот  Youtube канал.

Сакате да ја споделите вашата интересна животна приказна со цела Македонија? Пријавете се за интервју: [contact-form-7 id=”408359″ title=”Пријава за интервју”]

Коментар од уредникот на Мотика:
Ставовите и мислењата изнесени во овие интервјуа не се ставови на Мотика, туку на младите луѓе кои решиле да ја напуштат Македонија.
И мене како и многумина од вас, вистината многу ме боли, но додека не се соочиме со неа, властите ќе не лажат дека живееме во Швајцарија. Целта на секој еден политичар што ќе седне во фотелја во иднина, било да е градоначалник, пратеник или министер, МОРА да му биде да создаде минимални услови младите луѓе да не бегаат од државата. А ние сме таков народ, не бараме многу, само достоинствени услови за живот, а тоа не е тешко да се обезбеди во земја како нашата. Држава со 4 годишни времиња и со земја што раѓа не може да биде сиромашна, може само некој да ја краде! Да сме некоја африканска пустина, да ја разбереме сиромаштијата. Како може италијанските фармери да се богаташи, а ние да црнчиме кај нив, кога нашата земја е поубава од нивната? Да не зборуваме за тоа колку интелигентни деца имаме кои го одбираат овој пат.

Сподели на Facebook
пати видено