Роден сум во струмичко село. Од рано детство работев земјоделие (по цели денови бев на нивата). Но и најобично јадење ми беше преслатко. Имаше и периоди кога немаше работа на нивите, па по цели денови си игравме надвор. Детството ми беше прекрасно. Научив да работам напорно и сам да се борам во животот. Бугарски пасош си направив само за да можам да возам автомобил од 1000 евра на бугарски таблички во Македонија. Во тоа време во Македонија не беше дозволено да се увезуваат половни автомобили.

МОТИКА: Зошто и како се преселивте, зошто одлучивте да одите таму?

Факултет завршив во Битола и после тоа во Македонија имав неколку бизниси (угостителство и информатика). Работев напорно по 15 часа на ден и од бизнисите успеав да заработам доволно колку за еден стан во Австрија. Заминав од Македонија пред 3 години заедно со моето семејство, затоа што ми беше преку глава од инспекциски контроли, од прости луѓе на високи позиции, од мизеријата во нашите болници, од корумпирани политичари… Ја избрав Австрија затоа што е најблиску од развиените земји до Македонија.

МОТИКА: Опишете ја државата во која живеете. Колку се трошоците за живот? Колку чини киријата, куќа?

Австрија, земја во која има се помалку Австријци и се повеќе странци. Младите Австријци многу често избираат куче наместо дете. Киријата на еден трособен стан се движи од 600 евра па нагоре. За нормален живот ќе ви требаат месечно минимум 1100 евра. Минималната плата е 1100 евра.

МОТИКА: Споредете колку чинат некои основни јадења таму и кај нас?

Се е поскапо од кај нас. Некои продукти се дури и десет пати поскапи. Еден леб чини 80 денари, кај нас 30. Доматите чинат 60 денари (најевтините), немаат мирис и вкус. Убави домати (био) чинат 600 денари за 1 килограм. Кај нас квалитетни домати може да се купат по смешни цени.

МОТИКА: Ако имате бизнис, опишете го, опишете како сте почнале, како сте успеале?

Бизнис немам, но планирам наскоро да започнам. Нема да откријам што.

МОТИКА: Како ви започнува денот?

Ако не сум на работа со кафе, прошетка.

МОТИКА: Како го трошите слободното време?

Правам планови за мојот бизнис. Инаку многу шетам по планини и езера. Истото го правев и во Македонија.

МОТИКА: Дали имате пријатели и соседи во таа земја?

Со соседите живееме супер. Заедно пиеме 🙂 Пријатели имам благодарение на мојата ќерка која има другарки во градинка. После градинка понекогаш ги земаме нејзините другарки кај нас дома за да си играат. Потоа доаѓаат нивните родители, ќе посадат малку, ќе се посмееме, ќе си ги земат децата. Исто и моето дете понекогаш од градинка го земаат родителите на нејзините другарки. Одлична работа која мислам дека македонските родители не ја практикуваат.

МОТИКА: Дали луѓето се пријателски настроени кон странците? Некоја интересна случка?

Ми фалеа налепници од еден супермаркет, за да добиеме подарок мече. Секој кој ќе купи производи над 10 евра добива една налепница. Културно ја замолив продавачката да ми даде уште десетина налепници кои ми фалеа за да моето дете добие мече. Продавачката не сакаше да ми даде. Додека се пакувавме, луѓето после мене сите ми ги дадоа нивните налепници и така наместо едно, собравме за две мечиња.

МОТИКА: Која е најголемата разлика помеѓу Македонија и Австрија?

Во Австрија школството е многу добро средено. Слабите ученици можат да учат само занаат како на пример: мајстор, молер, готвач. Ако некој има добри оцени во основно и се запише општа гимназија и во гимназијата не успее да го совлада материјалот, ќе го префрлат да учи занает. Кога дете учи занает, на пример мајстор, тоа 4 дена оди во фирма и работи, а 1 ден оди на училиште. Државата му дава речиси цела плата, а фирмата нешто ситно. Кога детето ќе заврши тоа е веќе оспособено да работи, но и сам да си отвори фирма. Кај нас од училишта излегуваат деца кои не се способни да се снајдат.

Невработеноста им е на ниско ниво благодарени на АМС (кај нас биро за вработување). Тие менаџираат со работните места, и постојано даваат курсеви и преквалификации на работниот кадар. Даваат курсеви од андроид програмери до не знам што.

Во Филах (градот во кој живеам) има премногу дрвја. Државно претпријатие, се грижи за зеленилото во градот и имаат многу интересна математика: на секој 6 луѓе во градот мора да има по 1 дрво. Имаат висока општествена одговорност.

МОТИКА: Дали има и други Македонци таму?

Да, многу. Во Австрија како и во целиот западен свет обичните луѓе живеат на кредити. За да го напишам ова интервју ме испровоцираа претходните статии од другите Македонци кои велат дека живеат скоро како царови. Но, не е така. Скоро сите Македонци што ги знам овде се заглавени со кредити за станови и автомобили. Едвај врзуваат крај со крај. Ако овде подигнеш кредит од 1000 евра, на банката треба да и вратиш 2000. Сите македонски гастарбајтери кога ќе отидат во Македонија глумат дека се богати. На кредити купуваат џипови само за да „продаваат чалам“ во Македонија. Тоа е за плачење. Даваат лажна претстава на Македонците дека парите во Европа растат на дрвја. Едноставно луѓето некогаш одлучиле да се иселат од Македонија и заглавиле во западниот систем. Оние кои имаат свои бизниси се богати и живеат убаво, но така е и кај нас нели?

МОТИКА: Што ви недостасува од кај нас?

Пастрмајлиите.

МОТИКА: Дали некогаш планирате да се вратите во Македонија?

Да, би се вратил само кога СЈО или некое друго тело би почнало да ги затвара политичарите кои крадат, било да се од ВМРО, СДСМ или ДУИ. Кога за политичарите ќе има закони и ќе одговараат исто како и обичните луѓе. Така ќе има пари да се средат болниците, патиштата… Мислам дека после кризата во Македонија, западниот свет ги увиде овие проблеми и ќе изнајде решение.

Блиц прашања
Колку чини 1 леб? 80 денари
Колку чини 1 кафе? 80 денари
Колку чини 1 пиво во продавница, а колку во кафуле? 30 денари во продавница, 120 во кафуле
Место што мора да се посети? Pyramidenkogel Tower
Традиционално или типично јадење што мора да се проба? Кајзешморен – брзо подготвена пржена пита со суво грозје.
Најпознат граѓанин? Моцарт
Најкористен збор/фраза? Бите-данке
За која тема луѓето најмногу зборуваат? За бегалците
Најчесто име и презиме? Франц, Конрад
Сакате да ја споделите вашата интересна животна приказна со цела Македонија? Пријавете се за интервју: [contact-form-7 id=”408359″ title=”Пријава за интервју”]

Коментар од уредникот на Мотика: Ставовите и мислењата изнесени во овие интервјуа не се ставови на Мотика, туку на младите луѓе кои решиле да ја напуштат Македонија. И мене како и многумина од вас, вистината многу ме боли, но додека не се соочиме со неа, властите ќе не лажат дека живееме во Швајцарија. Целта на секој еден политичар што ќе седне во фотелја во иднина, било да е градоначалник, пратеник или министер, МОРА да му биде да создаде минимални услови младите луѓе да не бегаат од државата. А ние сме таков народ, не бараме многу, само достоинствени услови за живот, а тоа не е тешко да се обезбеди во земја како нашата. Држава со 4 годишни времиња и со земја што раѓа не може да биде сиромашна, може само некој да ја краде! Да сме некоја африканска пустина, да ја разбереме сиромаштијата. Како може италијанските фармери да се богаташи, а ние да црнчиме кај нив, кога нашата земја е поубава од нивната? Да не зборуваме за тоа колку интелигентни деца имаме кои го одбираат овој пат.

Сподели на Facebook
пати видено