Игор Дамјанов е роден во 1984 година во Кочани и до неговата 19 година живеел во Виница. Неговата желба да стане глумец го „принудила“ да ја напушти Виница и да замине на само 76 километри од неговиот дом, во Бугарија, Благоевград. Игор често патува и ја нема заборавено Виница и неговите роднини и пријатели. Тој сега е најпознатиот актер од Македонија во Бугарија, исто така е и караоке водител, пејач, работи во радио и продолжува да експериментира со професии и хобија. Еве како започнала неговата приказна.

МОТИКА: Зошто и како се преселивте, зошто одлучивте да одите таму?

Сакав да учам. 2003 година во Бугарија беше доста поевтино да се живее, а и образованието беше по достапно. А и јас бев на 19 години, луда глава и сакав да бидам глумец. Отидов сам, се запишав, завршив и сега работам.

МОТИКА: Опишете ја Бугарија. Колку се трошоците за живот?

Бугарија е најбедната држава во Европската унија кое ја прави како нас за жал. За разлика од сите емигранти кои емигрираат на запад, јас емигрирав на исток. Од тоа каде живееш, зависи и колку земаш и колку трошиш. Ако си во Софија, се разбира дека е поскапо, но пак се зема поголема плата. Стан средно 250 евра за Софија, 150/200 евра за поголемите градови. Јас живеам во Благоевград и тука е малку поевтино од главниот град. Бугарија е убава држава, има море кое летото ја прави и посакувана дестинација за туризам на исток, а зимата заради Банско на запад. Има страшен „најт лајф“ 365 дена од годината, прекрасни места кои може да се видат од кои ги издвојувам природните богатства како планините, морето…

МОТИКА: Споредба колку чинат некои основни јадења таму и кај нас.

Исто како кај нас, само што квалитетот на храната во Македонија е многу подобар. Бугарите плаќаат поскапо за некои продукти од нас, но уште не се на тоа ниво. Ние оддаваме многу внимание и на квалитет и на квантитет, па затоа и не сме од најслабите нации во Европа. Тука луѓето во последно време спортуваат за здравје не за мускули, кое не беше типично пред некоја година.

МОТИКА: Раскажете ни за некој успех што сте го постигнале во таа држава.

Автобиографијата ми е доста долга. Активно работам веќе 13 години. Бев куклен актер, иако завршив за драмски. Сега работам како драмски актер и имам Невладина организација која се занимава со култура. Ноќно време правам караоке забави по цела Бугарија и во 2011 добивме награда со мојот колега Иван, за најдобри караоке водители. Имам сопствена радио емисија секој вторник. Бев 4 години репортер на една од најзабавните емисии, „Господари на ефира“, но еден од најголемите успеси ми е тоа што победив на музичкото шоу „Пееш или лажеш“ и пеев во дует со Криско, кој е доста познат во Македонија. Сега се снимам во ТВ реклами ( Нестле, Каменица, Глобул… ) како и продуцирам рекламни видео клипови.

МОТИКА: Опишете го Вашиот бизнис и кариера.

Мојата работа е доста слободна. Со Иван се занимаваме со Ентертејмант, тоест со Забава. Тоа е нашиот бизнис. Кога завршивме по покана од Пиано барот во Благоевград, започнавме на шега да правиме караоке забави кои се проширија низ целата држава. Денес за 10 години работа имаме сигурно над 1000 настапи по цела Бугарија. Станавме дуо водители на различни манифестации, свадби, во телевизијата како и во радиото. Во нашиот бизнис нема таван на успехот. Секогаш има на каде да се развиваш и не можам да кажам дека сум успеал. Има уште многу пат да се изоди.

МОТИКА: Како ви започнува денот?

На телефон, па на компјутер после во кафич за фреш портокал.

МОТИКА: Како го трошите слободното време?

Седам на кафе и се гледам со пријателите. Тука немам никој од семејството и моето семејсто тука ми се пријателите. Кога имам слободно време се враќам дома, каде одмарам и си ги полнам батериите.

МОТИКА: Каде шетате и каде се опуштате преку ден?

Многу патувам и не знам кој ден каде ќе се разбудам. Сакам да разгледувам и да се дружам со луѓе, како познати така и сосем непознати. Сакам да се будам рано и сметам дека утрото е многу убаво иако работам повеќе ноќе. Недела сабајле ако можам се качувам на некој врв и го гледам светот од високо и тоа е единствениот начин кога го гледам светот по тој начин, од високо.

МОТИКА: Каков е ноќниот живот таму?

11 години сум активен во создавањето на ноќен живот во Бугарија. Пред 6/7 години нештата стоеа по различно. Имаше повеќе луѓе по дискотеките, повеќе забава, се арчеа повеќе пари и беше рај за ноќните птици. Сега не е така. Луѓето избираат да патуваат во странство и таму да си ги арчат парите. Повеќе работат и се уморуваат лесно и не излегуваат во работните денови. Се излегува или петок или сабота, ретко и двата дена. Има за секој по нешто. Бугарија е топ дестинација за ноќен живот во Европа.

МОТИКА: Дали имате пријатели и соседи во Бугарија?

Да. Малку се, но квалитетни…

МОТИКА: Дали луѓето се пријателски настроени кон странците?

Искрено не се многу пријателски настроени затоа што патат од предрасуди. Кога ќе се запознаат со странец, лесно си го менуваат мислењето.

МОТИКА: Која културна разлика Ви беше најчудна кога прв пат дојдовте во земјата?

Ние сме многу блиски со бугарите. Соседи сме сепак и си личиме многу. Но нешто кое многу ми беше интересно беше дека си купуваат негазирана минерална вода од продавница. Кај нас тоа го немаше 2003 година затоа што имаше многу чешми на секој агол. Кај нас минералната вода беше газирана.

МОТИКА: Што од културата во таа земја најмногу Ви се допаѓа?

Читаат многу книги. Книгите ги има на секаде, но мнозината од новите генерации не се така настроени кон книгите. Што е жално…

МОТИКА: Која е најголемата разлика помеѓу Македонија и Бугарија?

Ние немаме море, кај нив тоа е едно од најголемите богатства.

МОТИКА: Дали има и други Македонци таму?

Пред неколку години имаше многу. Само во Благоевград имаше 1000 студенти. Сега не е така. Малку се запишуваат да учат и маку остануваат да живеат како мене.

МОТИКА: Што Ви недостасува од кај нас?

Семејството, брат ми и неговото семејство, скарата, сирењето, смоките, пивото и живата музика по кафаните хахах.

МОТИКА: Кое е најдоброто нешто што Ви се случило таму?

Тоа што стекнав пријателства и тоа што тие пријателства прераснаа во семејство.

МОТИКА: Дали некогаш планирате да се вратите во Македонија?

Ако имам добра понуда и можам да бидам корисен како за моето семејство така и за општеството би се вратил.

МОТИКА: Кој е Вашиот следен ангажман?

На 27 октомври правам хуманитарна забава со музиката на Тоше за 10 пат и за одбележување на 10 годишнината од смртта на Тоше.

Блиц прашања
Колку чини 1 леб? Различно но некаде околу 30 денари
Колку чини 1 кафе? Од 50 денари до 150 денари
Колку чини 1 пиво во продавница, а колку во кафуле? Пиво во продавница e околу 40/50 денари, во кафуле околу 80/90 денари
Место што мора да се посети? Пловдив, Мелник, Мусала, Вихрен, морето и моите журки хахахха
Традиционално или типично јадење што мора да се проба? Капама (Кисела зелка со многу месо, ориз и различни видови месо како суџук, свинско, телешко, пилешко и многу други)
Најпопуларен сувенир? Масло или парфем од роза.
Најпознат граѓанин? Бојко Борисов и Слави Трифунов
Најкористен збор/фраза? Мерси (Молам, благодарам)
За која тема луѓето најмногу зборуваат? Политика и фудбал.
Најчесто име и презиме? Иван Иванов

Доколку сакате да дознаете повеќе за Игор следете го на:

https://www.facebook.com/damjanov.igor
https://www.instagram.com/maradonata/
https://damjanovigor.wordpress.com/
https://www.youtube.com/channel/UCF5SoESpExTykUd629ZQtrQ

Сакате да ја споделите вашата интересна животна приказна со цела Македонија? Пријавете се за интервју: [contact-form-7 id=”408359″ title=”Пријава за интервју”]

Сподели на Facebook
пати видено