Еднаш одамна си живеел човек кој многу сакал да јаде манго. Одлучил да се качи на врвот на дрвото, знаејќи дека најгоре се најслатките плодови бидеќи тие се постојано изложени на сонце.

Почнал да се качува по гранките на дрвото, кои биле тенки и слаби,  па на половина пат тој се лизнал и почнал да паѓа, се задржал на една гранка и висел беспомошно на неколку метри од земјата. Почнал да вика на глас за да најде човек кој ќе му помогне да се симне од дрвото.  Дотрчале неколку луѓе со скала и со стапови, но не можеле да му помогнат. По некое време дошол еден мудар човек, кој живеел во една колиба во близина на дрвото. Луѓето биле љубопитни да видат што тој ќе направи, бидејќи секогаш наоѓал решение за проблемите и луѓето барале совети од него.

По некое време, мудрецот зел еден камен и замавнал накај човекот што виси на дрвото. Го погодил во вратот, а тој силно викнал: „Што правиш ти? Сакаш да ми го скршиш вратот, ти луд да не си?” – Мудрецот молчел и повторно земал камен и го фрлил силно накај него.  Овој повторно извикал: „Само ако ти се симнам, ќе видиш ти!” и почнал да ги придвижува полека рацете на гранката, во лутина се обидувал да најде начин како да се симне од дрвото. Со сите сили се трудел да се симне од дрвото, од една гранка се префрлил на друга, се фатил за стеблото и слегол на земја. Сите останале зачудени.

Тој луто извикал:  Каде е сега мудрецот, јас да му покажам нему?

Луѓето викнале во еден глас:  Тој ти помогна, те предизвика да се симнеш од дрвото и ти успеја да се симнеш безбедно.

Човекот застанал за кратко и помислил, навистина само мудрецот му помогнал да се симне од гранката, со тоа што го предизвикал за тој да најде начин како да се спаси.

Поука:

Најдобриот учител не е оној што ќе ти направи скала, туку оној што ќе те натера да дадеш сѐ од себе за сам да си ја направиш.

Сподели на Facebook
пати видено