Што би направиле вие ако добиете вакво писмо? Авторката на писмото е анонимна.

„Сигурна сум дека веќе извесно време се чудиш зошто цела седмица плачам без некоја видлива причина. Вистината е тешка за признавање и поднесување. Не можам да се приберам и да се држам адекватно, не можам да се концентрирам и да се однесувам нормално, бидејќи минатата седмица се сретнав со својот љубовник за последен пат.

Се сметам за среќна што воопшто успеав да споделам време со еден толку неверојатен маж, но да знам дека повеќе никогаш нема да го прегрнам, тоа ме убива. Така што последните неколку дни имам сили единствено и само за солзи.

Љубовник? Такви нешта не се случуваат на жена како мене, нели? Само што, една вечер една насмевка и еден глас ме голтнаа и осознав дека сум сретнала некого когошто слободно можам да го наречам сродна душа. Некој, кој може да ме научи што значи полно предаваењ, нежност и емпатија. Тоа коешто го почувствував во тој миг не можеше да се спореди со ништо пред тоа. Така што доста брзо и безрезервно успеав да се вљубам во тој инаку тивок и скромен маж.

Те молам, разбери дека ова нема никаква врска со тебе. Да, нашата врска си тече вообичаено, си имаме свои тешкотии и недоразбирања, сѐ уште ми е тешко да се справувам со твоите конзервативни гледишта во врска со нашите односи, но причината за тоа што се случи не е во нашите брачни проблеми.

Пред воопшто да се спомне нешто за секс меѓу нас, тој ми покажа многу различни перспективи, за кои не ни знаев дека постојат. Тој донесе мир, спокојство и тишина во мојата душа. Толку многу сум му должна поради тоа, што всушност никогаш нема да успеам да му се оддолжам. Тоа малку време што го минав со него беше единствениот начин на кој можев да му возвратам.

Може ли воопшто да биде оправдано едно неверство? Сме виделе неколку пати како наши пријатели и роднини минуваат низ агонијата на такво едно отворено предавство…Но сепак, тоа прашање си останува. Дури и денес ми е тешко да поверувам дека ова ми се случува мене. Сѐ што можам да кажам е – немав друг избор. Звучи глупаво, но е вистина. Толку долго се борев со чувствата, веруваји дека бракот со тебе ми е приоритет. Се прашував како можев да постапам така? Како? Одговорот беше: „Не можам“. Но, околностите ме поттикнаа прашањето да го поставам на друг начин: „Како да не го направам тоа?“ Ако не дејствував, знаев дека ќе жалам до крајот на животот.

Не обвинувај го него. Мене обвинувај ме. Тоа што го направив е лицемерно и недостојно и имаш право да ме судиш сурово. Но, од дното на душата сум убедена дека требаше да постапам точно така и не жалам ниту една секунда. И покрај тоа, последиците си се последици. Критична сум кон себеси и расколебана ми е вербата во сопствените вредности. Веќе не можам да се наречам чесен човек. Како би можела да се застапувам за принципи, да кажувам што е правилно, а што погрешно?

Што и да се случува оттука натаму, ќе го носам овој крст до крајот на животот. Ќе треба и да ја поднесувам мислата дека тој ќе биде со друга жена. Ќе мине многу, мкгу време додека ужасно болната љубомора во мене да стивне. Отсекогаш сум знаела дека го сакам толку многу, што можам да го оставам да си замине. Не сакам да го задржувам, да го убедувам да си го промени мислењето. Но, кога си допрел нешто толку ретко и убаво и свето, тргањето е доста тешко.

Така што, ако извесно време гледаш мака во моите очи, или тага во мојата насмевка, тоа е така затоа што секогаш кога ќе ме погледнеш, ќе си спомнам на неговите очи. И секој пат кога ќе ме допреш, ќе жалам што не ме прегрнува тој. И секој пат кога ќе ме бакнеш, ќе сум принудена да бегам од спомените за неговите бакнежи. Не тревожи се, тоа нема да се повтори. Знам дека единствената правилна постапка во моментот е да пренасочам сѐ убаво што собрав од односите со него кон подобрување на нашата врска.

Се надевам дека наскоро ќе успеам да соберам храброст и да ти предложам да пробаме да направиме некои промени во името на една подобра и посреќна иднина заедно. Не знам како ќе е резултатот, но сум должна заради нас, заради нашите деца и заради прекрасниот маж когошто го сакам искрено и кој ми даде толку многу.

Должна сум да се обидам.“

Сподели на Facebook
пати видено