Со години младиот Кирил талкал по светот и барал одговор на неговото големо прашање „Зошто?“. Тој ги изгубил родителите уште како мал и преживеал многу лоши работи.

Поради непредвидливи работи, разочарувања и несреќи од секаков вид не му останувало време од животот за едноставно да се насмевне. Тој сакал и да се откаже од животот, но пред тоа тргнал да патува по светот за да побара одговори.

По подолго време, во една ледена ноќ, пристигнал во мало село. Таму имало неколку овчарски шатори, два три огна и ѕвезденото небо. Влегол во еден од шаторите и таму спиела една старица. Токму кога сакал да ја разбуди и да ја праша дали ќе може да преспие тука, некој го фатил за рамото. Кога се свртел пред него забележал млад воин кој му рекол: „Покриј се со ова пред да си легнеш!“ Воинот му дал меко волнено ќебе во светли бои. Додека Кирил да му се зблагодари, воинот исчезнал.

Нежната утринска светлина го разбудила Кирил и уште не ја извадил главата од кебето во неговата глава повторно се појавило прашањето „Зошто“. Старицата влегла во шаторот со една чинија млеко и еден леб и му рекла: „Сине, престани да се измачуваш за ништо!“

„Но дали моите маки и страдања се ништо?“, ја прашал Кирил.

„Синко, престани да се измачуваш. Одговорот кој го бараш се крие во она што те топлеше минатата вечер.“, му одговорила старицата.

„Ќебе? Ќебето ме топлеше минатата вечер. Но како може тоа да биде одговорот на моето прашање?“, се зачудил Кирил.

Старицата го оставила млекото и лебот и седнала до момчето: „Погледни сине, кажи ми што гледаш?“, покажувајќи му ја горната страна од ќебето.

„Прекрасни бои и уште поубав вез, кој досега не сум го видел.“, одговорил Кирил.

„А сега кажи ми што гледаш?“, покажуваќи му ја долната страна од ќебето.

„Гледам заплеткани конци, покриени бои, внимателно конструирани јазли, но сепак јазли, бесмислени преплетувања, неразбирливи и грди цртежи.“, одговорило момчето.

Тогаш старицата му рекла: „Епа тоа е животот синко. Твојот живот е токму таков, ти го гледаш животот наопаку, како долната страна на ќебето. Ти ги гледаш само јазлите и грубите цртежи, а немаш време да погледнеш од другата страна за да видиш дека универзумот за тебе создал еден прекрасен цртеж.“

Сподели на Facebook
пати видено