Недела наутро е. Се будам и нешто ми е чудно, нешто ми е неприродно. Погледнувам во часовникот – 10:30. Не е можно! Во недела никогаш не сум спиел до толку доцна. Не слушам никој сосед да поправа нешто, нема чукање, дупчење, сечење, заварување, ништо! Тишина! Тетка Наде над нас и таа уште не ја пуштила правосмукалка, а е веќе 10:30, што се случува, по ѓаволите? Наглувата баба од станот карши мене уште не си го вклучила телевизорот. Чудно, точно пред една недела во ова време бев сведок на уште една љубовна драма на турскиот пар од серијата „Судбина“. А сега е тивко, ненормално тивко. Единствениот звук, кој достигнува до мене е тивката песна на птиците на гранките на дрвјата. Дури сега сфаќам, колку прекрасно може да биде едно неделно утро, ако те остават да се наспиеш. Се протегнувам слатко-слатко во креветот и се вртам на другата страна да си доспијам во царството на тишината, кога некој од зградата наеднаш се извикува: „Струјооо додиии“…

Сподели на Facebook
пати видено