Оваа приказна започнува со градинарот наречен Џон Греј, кој пристигнал во Единбург, Шкотска во 1850 година заедно со своето семејство. Тој сакал да најде подобра работа и да ги обезбеди своите деца. По неуспешно барање на работа како градинар, тој одлучил да се приклучи на полициските сили во Единбург како ноќен чувар. Набрзо откако почнал да работи како чувар, Џон си нашол партнер за неговите смени, мал скај териер наречен Боби. Тој не бил добар чувар, но бил верен и весел придружник. Тие станале многу добри пријатели и вообичаена глетка низ градот.

Откако поминал неколку години на работа, патролирајќи за време на студените ноќи во Единбург, Џон почнал да се разболува. Според записите, тој бил третиран од страна на полицискиот хирург за туберкулоза. Широко прифатената верзија на настаните вели дека Џон Греј починал на 15 февруари 1858 година. Бил погребан во Грејфријар Киркјард, гробиштата околу Грејфриарс Кирк во Стариот град во Единбург. Боби го изгубил својот пријател, но никогаш не се откажал од него. Кучето го поминало остатокот на својот живот со седење и чување на гробот на својот господар.

Наскоро Боби станал многу познат низ целиот град. Луѓето доаѓале на гробиштата за да го видат Боби. Тој секој ден во еден часот попладне ги напуштал на кратко гробиштата за да оди да јаде во кафулето каде што одел со Џон. Сопственикот на кафулето редовно му давал храна на кучето. Во 1867 година, градот Единбург донел нов закон со кој се барало сите кучиња да бидат лиценцирани. Ако кучињата не биле регистрирани во градот, тие ќе бидат фатени и убиени. Сер Вилијам Чемберс одлучил да плати лиценца за Боби.

Според записите Боби го посетувал гробот на Џон цели 14 години, до крајот на својот живот, во 1872 година. Жителите на Единбург многу го сакале и се грижеле за Боби. За кучето биле раскажани повеќе приказни и биле снимени и филмови. Истата година била изградена фонтана со статуа од Боби. Фонтаната имала горен дел за луѓето и долен за кучињата. Реконструкција на фонтаната била направена во 1985 година.

На 13 мај 1981 година, Друштвото за помош на кучиња на Шкотска подигнало споменик на гробот на Боби. На надгробната плоча пишувало: „Грејфријар Боби – умрел на 14 јануари 1872 година – на возраст од 16 години – Нека неговата лојалност и посветеност биде лекција за сите нас“.

Сподели на Facebook
пати видено