5 македонски чуда на природата ( 1 дел)

00 Ова е првата тема од серијалот „Македонски чуда на природата“. За денеска одбравме пет чуда кои природата несебично и ги дарила на Македонија, едни од многуте, но невозможно е за сите одеднаш да се напише, многу се, прекрасни се и најважно, македонски се ... Пишувајте предлози во коментари за тоа кои чуда на природата да ги опфатиме во наредните делови од серијалот.

Од занесната убавина на кањонот Матка и мистериозните длабочини на пештерите, преку ретките богатства на Алшар, низ сјајот на пелистерските очи, до старите скаменети свадбари во кратовско и звукот на Пехчевските водопади, мало патување низ македонски чуда на природата...

Куклици – скаменетите свадбари

Локација: Во атерот на селото Куклици, Кратово
Вреди да се посети: Поради чудната игра на природата која ги скаменила свадбарите
Не заборавајте: Да се распрашате за старата легенда

motika.com.mk
Фото: Славјан Стојанов

Кратковски скаменти свадбари се едно од најголемите чуда во нашата мала држава, спој на легендите и верувањата со моќта на природата.
Геолошкиот локалитет „Весела свадба“, сместен во атерот на селото Куклици е место кое фасцинира со својата необична убавина, а трогнува со приказната која од колено на колено се раскажува низ македонскиот народ. За ова уникатно место постои легенда која вели дека камените кукли некогаш биле живи луѓе, но се скамениле откако се исполнила клетвата на една девојка со скршено срце.  Се раскажува дека  девојка од блиското село била заљубена во момче кое требало да се ожени за друга. Не можејќи да ја издржи болката, таа ги проколнала во моментот кога ќе се бакнат, сите што се на свадбата да се скаменат. Тоа и се случило. Според легендата додека лицата на младоженците се во бакнеж, лицата на сватовите се насмеани.Па, оттаму, местото е познато и како „Веселата свадба“.

 Но, ова не е единствената легенда за ова место. Друга легенда, пак, вели дека камените кукли настанале исто така од клетва на една несреќна девојка. Едно момче од селото закажало венчавка со две девојки во ист ден. Според старите свадбарски обичаи, ако две невести се виделе на денот на венчавката тоа било знак за несреќа. Кога една од девојките слушнала музика истрчала од својата куќа да види кој прави свадба во ист ден со нејзината. Кога го видела своето момче со друга невеста таа ги проколнала сите присутни да се скаменат.

Според други кажувања, денешните камења во близината на Куклица некогаш биле дрва кои биле изгорени за време на некоја војна која се водела во овие краишта. Откако дрвата биле изгорени, целата област се претворила во пустина. При едно ноќно минување на војската низ пустината, заради ниските температури војниците се скамениле и се претвориле во камења.

motika.com.mk
Фото: Славјан Стојанов

Настрана од народните суеверија и обичаи, научните истражувања покажале дека камените кукли се всушност вулкански карпи, создадени од вулканска ерозија. Необичната форма на камењата, која потсетува на човечки фигури е резултат на минералите. И самото гратче Кратово, во чија близина се наоѓа селото Куклица лежи врз згаснат вулкан.

Според кажувањата на локалните жители на секои пет-шест години се појавува нова фигура во долината. Некои истражувачи велат дека нивната старост е од 15 до 20 милиони години. Се смета дека овие карпи со живописни форми се геолошка појава изградена од вулкански пепел што подоцна се зацврстила со природни цементи како што се железната руда и силикатите. Релјефите на куклите настанале под влијанието на силната ерозија. Научниците сметаат дека овој простор некогаш бил под морска вода, бидејќи доколку се изгребе од камената маса ќе се види дека таа има солен вкус.

motika.com.mk
Фото: Славјан Стојанов

Локалитетот Куклици според своите карактеристики честопати се споредува со италијанското градче Помпеја. Според научниците, карпите во Куклици се настанати од вулканска маса во периодот помеѓу еоценот и плиоценот.
И покрај објаснувањата од експертите, народот се уште верува дека ова место е проколнато и дека тука им умираат козите.

Рудникот Алшар, најголемата тајна на човештвото

Локација: Во срцето на Кожуф, триста метри од малото село Мајден
Вреди да се посети: Поради целата природна околина и неверојатната глетка
Не заборавајте: Да дознаете нешто повеќе за оваа македонска мистерија

motika.com.mk

За овој рудник се вели дека е најголемата тајна на човештвото, бидејќи во неговата утроба се крие тајната на постанокот на космосот и Сончевиот систем.

Овој рудник, длабокото во срцето на Кожуф е единственото наоѓалиште на лорандит во светот. Многумина сметаат дека Алшар е рудник на еколошки чиста енергија.

Tалиумот е цврст сив метал и е токсичен. Употребуван е во електронската индустрија и за изработка на стакло. Исто така е употребуван и во отров за глувци и инсектициди. Лорандит или талиумов арсеничен сулфат (TlAsS2) е минерал и за првпат е пронајден во Алшар. Крстен е по унгарскиот научник Лоранд. Лорандиот е редок минерал со кој се смета дека би можело да се дојде до бесплатна енергија. Лорандиот е минерал кој служи за да се детектира, да се лоцира неутринот, кој пак има директно потекло од Сонцето и единствено на планетата го има тука. Талиумот во Алшар, а со тоа и неутринот, по своето количество е светски, планетарен раритет. Ако се успее да се одвои неутринот од талиумот, нашата планетарна наука ќе ги разбере процесите со чија помош се генерира енергијата на Сонцето и на тој начин да се создадат мали вештачки сонца кои ќе изгреваат со притиснување на едно копче.

motika.com.mk

За мистеријата кој се крие во овој рудник говори и фактот во  1978 е одржана тајна седница на владата на СФРЈ на која се разговара за тоа дали рудникот Алшар да и се препушти на НАСА за да врши истражувања која наводно би го користела лорандитот за вселенски истражувања.
Највредниот македонски рудник е лоциран  околу  триста метри од малото село Мајден, и првично го носел тоа име.  Сместен е длабоко во планината Кожуф, а во него се влегува низ осум широки отвори во земјата.

Рудникот  го добил името Алшар според презимето на првите странски сопственици, Французите Алатини и нивниот инженер Шарито, кои овој рудник го експлоатирале меѓу 1913 и 1923 година. Тие рудата антимон, со највисок квалитет, ја користеле за потребите на француската воена индустрија за изработка на челични цевки на топови. Антимонот и другите ретки руди од Алшар биле познати уште во времето на првите човекови цивилизации.

Интересно е што лево, на околу двесте метри од Алшар има еден вечно зелен рид на кој не смее да стапне ниту човекова нога, ниту добиточна. Во земјата на ридот има талиум, отров многу поопасен и од арсенот од кој, ако се внесе во организмот го соборува секој крупен добиток што се напасува таму.

motika.com.mk

Уште полево од Алшар и од ридот, се наоѓаат извори со топла вода, а наспроти нив, на крајот на селото Мајден, селаните експлоатираат некаков бел минерал со кого ги перат алиштата, ги мијат садовите и ги чистат сите простории во своите домови. Овој природен прашкаст минерал го има во неограничени количества. Волшебниот маѓепсан терен околу Алшар, познат меѓу староседелците како Црвена Долина, е вистинска енигма за научниците.

Се раскажува дека дека  над пет илјади години од него се копа злато, талиум, кристали на лорандитот, антимон кој служи за легирање на тешкото оружје и други минерали што ги има само во овој рудник. Два од осумте отвори на јамите од подземните копалишта се долги шест илјади метри со калдрма, но денеска е многу оштетена.

Кањонот Матка и пештерите Врело, спој на природната убавина и подводната мистерија

Локација: 15 километри од Скопје
Вреди да се посети: Поради неверојатната природа и спокој кој го нуди
Не заборавајте:Да се возите со чамец низ кањонот

motika.com.mk

Кањонот Матка, таа природна убавина, зелената боја и високите карпи се мал рај на земјата, сместен на само петнаесетина километри од главниот град. Природата не се штедела на ова парче убавина, дарила и карпи и свежа вода, а ако тоа е малку за уживање има и ендемски видови на растенија и уникатните белоглави орли. Но, посетата Матка ќе биде уште поубава кога ќе се заврши со спуштање во пештерата Врело, една од петте најдлабоки подводни пештери во светот со украси, дело на природните сили кои воодушевуваат.

Кањонот зафаќа површина од околу 5.000 хектари  и се наоѓа 15 км југозападно од Скопје. Според морфогенетските карактеристики претставува клисура-пробојница. Кањонот на Треска е вертикално пресечен на Сува Планина. Овој кањон долго се формирал под влијание на подземните води и температурните осцилации , од кои произлегуваат разните пукнатини,отвори и некои пештери.

motika.com.mk

Матка е вистинското место за одморање на мозокот и заборавање на сите грижи, препуштање на тишината и звукот на нежните бранови, доаѓање во допир со исконската природа. Но, и за немирните души овој рај нуди авантури и предизвици, скокање во студената вода и качување по карпите и истражувањето на подводните мистерии во пештерите.

Во кањонот има и неколку пештери, примамливи за многу странски и домашни спелеолози. Врело e најпознатата од десетината пештери во кањонот Матка. Поради својата импознатна убавина беше номинирана во изборот за едно од седумте светски чуда, досега е истражувана неколку пати.  Од 2012 година Врело важи за петта најдлабока пештера во светот, прва на Балканот и втора во Европа. Се верува дека е многу подлабока од 212 метри, бидејќи на таа длабочина воопшто не се гледал крајот. Врело почнува со хоризонтален дел од 450 метри и завршува во собата позната под името „зона на самракот“. Но, според теоријата на научниците се претпоставува дека Врело е длабока 330 метри, односно дека е најдлабока подводна пештера во светот.

motika.com.mk

Покрај Врело, меѓу пештерите во кањонот Матка, познати  се пештерите познати како Убава и Крштална.Убава го добила своето име поради убавината на спелеолошки украси, а Крштална бидејќи секој почетник-спелеолог првото вертикално спуштање по јаже го прави токму во оваа пештера.

Пелистерски очи – солзите на заљубените сестри

Локација: На планината Баба
Вреди да се посети: Заради сета убавина на Пелистер и авантура која долго ќе ја паметите
Не заборавајте: Да направите авантуристичка тура со теренски возила

motika.com.mk

Две езера како две очи, чисти и бистри, полни тајни лежат на преубавиот Пелистер, едното велат Големо и во него се огледуваат снежните венци на Баба, а другото пај  Мало Езеро, од кое жедните диви коњи пијат студена вода чиста како солза, да се чудиш, да гледаш со часови и пак да не знаеш кое е поубаво...

Големото Езеро се наоѓа на надморска височина од 2.218 метри, долго е 233 метри, а широко 162. Неговата длабочина достигнува 14,5 метри. Надморската височина на Малото Езеро е 2.180 метри, долго е 79, а широко 162, исто како и Големото. Но, длабочината на Малото Езеро е помала и таа изнесува 2,6 метри.

motika.com.mk

За настанувањето на овие две мали чуда на природата во Македонија народот раскажува тажна приказна, дека езерата биле исплакани од две сестри кои биле заљубени во прекрасното момче Пелистер. Но, за да не биде повредена едната ќерка, нивната мајка не дозволила ни едната ни другата да се омажат за Пелистер. За да го преболат ги испратила во планина, и ги преколнала да бидат блиску една до друга, но да не можат да се видат.

Талкајќи низ шумата, едната сестра дошла до местото каде што сега се наоѓа Големото, а другата кај Малото Е. И двете скршени од болка за невозвратната љубов, почнале да леат солзи. Несреќните девојки  пролеале толку многу солзи што од нив се создале двете прекрасни езера, денеска познати како Пелистерски очи.

Овие две како солза чисти езера се предизвик за многу планинари и вљубеници во природата бидејќи до нив се стига или пешки или со џипови,  но низ прекрасната планинска идила на националниот парк „Пелистер“, најмалиот, но најстариот и најживописниот во Македонија, познат по уникатното дрво „молика“.

Овие две мали планински езера се вистинско место за да се побегне од секојдневниот живот на грижи и барем на кратко да се ужива во неодоливите дарови од природата пропатено со планинска авантура.

Пехчевските водопади, играта на реката низ боровата шума

Локација: На неколку километри од градот Пехчево во подножјето на Кадиица       
Вреди да се посети: Поради планинската идила и немирната игра на водата              
Не заборавајте: Да понесете фото-апарат за да ја пренесете таа убавина во својот дом

motika.com.mk

Кога ќе ве пречека стара дрвена врата на која пишува „Таму дарбите природна сила...“ знајте дека сте на местото кое ќе сакате да го посетите повторно и повторно, место каде душата ќе спои со природата и хедонизмот ќе добие сосема ново знаење...тоа место, чиниш насликано од рацете на најталентираните уметници се Пехчевските водопади, неверојатен спој на свежата вода со острите камења и мал допир од човечката рака за да се надополни тој и онака рајски амбиент.

Сместени во срцето на Малешевијата, на само неколку километри од градот Пехчево овие водопади се местото кое мора да го посетите, бидејќи токму тие ќе ве потсетат колку ни е убава Македонија.

motika.com.mk

Патот е лесен, убаво обележани патокази ќе ве однесат до таму, а потоа се продолжува пешки, низ густата борова и букова шума во подножјето на планината Кадиица. Водопадите се познати под името Сипковски водопади, но многумина ги викаат Пехчевски водопади.

Водопадите извираат од реката Брегалница под врвот на Кадиица кој се наоѓа на 1932 метри надморска височина. Самиот пат до нив изобилува со прекрасна природа на недопрени шумски предели, водоскоци, каскади надополнети со песната на водата кој ритмично одѕвонува во вашите уши, искуство кое мора да се доживее. Дрвени мостови и клупи рачно изработени од старите трупци за краток одмор оти патот до нив и не е баш лесен.

Од овие седум водопади само два вистински припаѓаат на реката Брегалница, а останатите се создадени од нејзините притоки Сипковски Андак, Црн Дол и Жолтачка Река. Највисок од сите водопади со височина од 14 метри е оној на Жолтачка река, а најбогат е еден од водопадите на реката Брегалница. Областа во која се наоѓаат овие природни атракции е позната како Валевичка река. 

motika.com.mk

По течението на горниот дел од реката Брегалница, односно по течението на нејзините притоки, постојат седум, од кои четири поголеми водопади и бројни помали каскадии кои едноставно го одземаат здвиот на посетителите, но малку се зборови да ви ги опишеме сите попатни убавини дарени од природата во овој крај.

Вреди да се посетат овие мали, разиграни водопади, било во пролет и лето кога се раззеленето и свежо и покрај пеколни температури, или пак во есен кога природата е обоена во златно, па дури во зима, кога снежната покривка натежнува над мостовите, а водата жубори ли жубори...

motika.com.mk

Овие пет места, секое специфично, секое уникатно се само дел од широката палета на македонски убавини, кои, рака на срце, како да ги подзаборавивме, затоа, пишете ни, кое се местата каде природата не се штедела, каде рајот се пресликал на земјата, каде можеме мирно да уживаме во убавини кои само ние ги имаме.


blog comments powered by Disqus