Никој друг, туку еден муслиман и познавач на исламскиот свет тревожно предупредува дека на Европа ѝ се заканува исламизирање. Алжирскиот писател Буалем Сансал се осмелува да каже нешто што можеби потајно си го мислат и други. Алжирскиот писател Буалем Сансал е автор кој се радува на успех. Неговите романи, кои предлагаат задлабочени психолошки истражувања на алжирското секојдневие, предизвикуваат огромен читателски интерес и тоа не само во неговата родина. Неговиот последен роман „2084“ стана еден од најпродаваните романи на француски јазик само шест месеци откако беше издаден. За успехот на делото допринесуваат не само богатиот и живописен јазик на авторот, туку и многузначниот наслов – „2084“, кој веднаш буди асоцијација со познатиот роман на Орвел „1984“ – она мрачно пророштво, напишано во далечната 1948 година.

ms01

Како што знаеме, реалноста во 1984 година ни од далеку не се покажа толку обесхрабрувачко-драматична како што се покажуваше во фикцијата на Орвел. Во таа смисла можеме да се надеваме, дека и „2084“ ќе ја има истата судбина. Буалем Сансал во својот роман опишува една исламска диктатура, којашто господари со целата планета. Светската култура, плурализмот, сознанието за релативноста на секаков ред се дискредитирани како нешто одамна изживеано. Тие се заменети со слепата потчинетост на еден завидлив бог.

Исламофобија и хистерија?

Зошто романот „2084“ стана бестселер? Поради тоа што чувствуваме привлечност кон катастрофата? Поради латентниот расизам или исламофобијата на Французите? Или од хистеријата, предизвикана од терористичките напади врз „Шарли Ебдо“ и „Батаклан“ минатата година? Или сѐ се должи на вештачки создадената медиумска хистерија. Нема сигурен одговор. Кога ќе се присетиме и на успехот на романот „Потчинетост“ на Мишел Уелбек, кој исто така ги тематизира силните стравови од исламот, очигледно можеме да кажеме дека Французите се далеку поголеми песимисти од Германците во однос на мултикултурното сожителство. Германија – земја на оптимисти? Кој ли можеше да си помисли такво нешто? Факт е дека повеќето Германци се убедени дека интеграцијата на неколку стотини муслимани е возможна. Најубедените приврзаници на мултикултурализмот тука раздразнето би ни се развикале: „Зошто воопшто говорите за муслимани? Тие зар не се само луѓе?“

И ќе бидат во право, но само половично, затоа што кај нас доаѓаат луѓе кои ја исповедуваат исламската религија. Но, знаеме ли што таат тие во своите срца? Како гледат на отвореното општество и на толерантниот однос кон културните разлики? Искрениот одговор гласи: си немаме никаква претстава. Дали нашата сопствена отвореност кон светот, во случај навистина да ја поседуваме, величањето на различноста и на културната хибридност, за којашто на високопарен јазик говорат нашите учени луѓе, навистина соодветно ги одразуваат реалностите на нашиот живот? Или се просто една посакувачка проекција? Повторно сме принудиени да признаеме дека не знаеме.

Рафиниран начин да се искаже нешто политички некоректно?

Уште почудно е тоа што Буалем Сансал го знае одговорот, или барем тврди дека го знае. Сансал, роден во 1949 година, кој е лауреат на наградата за мир на германските книжевници, целиот свој живот го минал во својата татковина Алжир. Тој предупредува за опасностите сврзани со исламот, и тоа не само со помош на литературната фикција. Тој особено јасно го изрази своето мнение пред германскиот неделник „Ди цајт“. Заедно со други двајца муслимани – адвокатката Сејран Атеш и исламологот Еднан Аслан – Буалем Сансал предупредува за опасноста од исламизирање на Европа.

Уште почуден е оптимизмот на Германците. Песимистичките видувања тие очигледно ги оставаат во рацете на некои (избрани) муслимани. Како би требало да го разбереме тоа? Како испливување на нешто свесно потискувано од нашето сознание? Или како рафинирана поделба на трудот, измислена со цел да се изрази политички некоректното? Или чисто и просто како доказ за тоа дека мултикултурниот експеримент сепак се покажал како успешен, откако и самите муслимани, или барем тројцата за коишто станува збор, се покажуваат како најжестоки критичари на самите себеси? Успехот на мултикултурното општество ќе беше уште повпечатлив, ако критиката и самокритиката на некои теми не ја следеа толку често линијата на етничката припадност.

Извор: Дојче Веле

Сподели на Facebook
пати видено