Матријархатот е форма на општество во кое жените, односно мајките управуваат со имотот, средствата и потомството. Се верува дека матријархатот се појавил пред патријархатот, а всушност вакви заедници постојат и денес.

1. Мосуо

Заедницата Мосуе е населена во провинциите Јунан и Сечуан во Кина. Ова е веројатно едно од најпознатите матријархални општества. Кинеската влада официјално ги класифицира како дел од друго етничко малцинство, познато како Nakaki или Nakxi, но постојат разлики во културата и јазикот меѓу двете. Жителите на Мосуе живеат со своите големи семејства во огромни домаќинства, на чие што чело стои жената. Имотот се наследува по женска линија, а жените најчесто ги носат главните одлуки во семејството, поврзани со бизнисот и работата, а мажите се вклучени во политиката. Децата се одгледуваат во семејството на мајката и го прифаќаат презимето на мајката. Во ова општество нема бракови, а жената едноставно оди во домот на нејзиниот избран маж. Двајцата не живеат заедно и бидејќи децата остануваат на грижата на мајката, мажите имаат мала улога во одгледувањето. Во некои случаи, идентитетот на таткото е непознат.

2. Минангкабау

Нивната заедница се состои од околу 4 милиони луѓе кои живеат во Западна Суматра, Индонезија. Тие се најголемото матријархално општество. Луѓето од Минанкабау веруваат дека целата кланска сопственост ја чува мајката, а подоцна таа останува на ќерката. Тие веруваат дека мајката е најважната личност во нивното општество. Обично жените се господари на домот, а мажите ги земаат улогите на политичките и духовните водачи. По склопување на брак, секоја жена има свој дом. Сопругот може да спие со неа, но таа мора да го напушти рано наутро, за да појадува во домот на својата мајка. На 10-годишна возраст, момчињата го напуштаат домот на мајките и живеат со своите татковци, каде што се здобиваат со различни вештини и добиваат верско знаење. Лидерот на кланот е секогаш маж, но жените го избираат и секогаш можат да го отстранат ако одлучат дека не ги извршува своите должности.

3. Акан

Аканците се мнозинство во Гана. Нивната општествена организација се базира околу матријархот, каде што идентитетот, наследството и богатството ги одредува жената. Господарите на кланот се жените, но мажите заземаат раководни позиции во општеството. Најчесто од мажот не се очекува само да го обезбедува сопственото семејство, туку и семејствотот на неговата сопруга.

4. Брибри

Брибрите се заедница на нешто повеќе од 13.000 луѓе кои живеат во Костариканската провинција Лимон. Како и многу други матријархални општества, тие се организирани во кланови. Секој клан се состои од големо семејство, а неговото управување се пренесува преку женска линија. Жените се единствените кои можат да го наследат земјиштето и само тие имаат право да го подготват какаото кое се користи во нивните свети ритуали.

5. Гаро

Луѓето од општеството Гаро наследуваат сè од својата мајка. Обично првиот наследник е најмладата ќерка чиј брак многу често е договорен. За постарите ќерки кои не се наследници, работите стојат поинаку. Нивните традиции налагаат идниот младоженец да „избега“ по предлогот на девојката за брак, по што нејзиното семејство треба да го „фати“ и да го врати на неговата идна жена. Ова се повторува или додека не се откаже невестата или додека младоженецот не ја прифати нејзината понуда (често девојката му дава многу ветувања на својот иден маж, дека ќе му служи и ќе биде покорна). Откако стануваат семејство, мажот доаѓа да живее во домот на неговата сопруга. Бракот може да се поништи во секој момент без јавно најавување, затоа што луѓето од Гаро сметаат дека бракот не е обврзувачки договор.

6. Наговиси

Тие живеат на островот Бугенвил, кој е во сопственост на Папуа Нова Гвинеја. Жените во ова општество заземаат лидерски позиции, одржуваат традиционални церемонии и ја обработуваат земјата. За жените од Наговиси сексуалноста и стопанството се од еднаква важност. Браковите меѓу нив не се официјални. Ако двајца луѓе често поминуваат време заедно, спијат заедно и мажот помага во обработката на земјата на жената, тие се сметаат за семејство.

Сподели на Facebook
пати видено